Васка Бојаџи: Не постои подобра инвестиција на јавните финансии, од инвестицијата во студентите и нивниот напредок

Васка Бојаџи е студент на мастер студии на правниот факултет во Скопје, но истовремено е актуелен студентски првобранител на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Студентскиот правобранител  ги штити законските права на студентите и правата утврдени со актите на Универзитетот и на единиците, кога им се повредени од органите на Универзитетот и органите на единиците, како и од други лица вклучени во високообразовната дејност.

За работата на ова тело, но и за прашања поврзани со високото образование во Република Македонија во годишно интервју разговараме со неа.

Скопје Инфо: Можеш ли да ни ја објасниш накратко функцијата и надлежностите на Студентскиот правобранител на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“? На што се должи специфичноста и значењето на оваа институција?

Со цел обезбедување на ефективен механизам за заштита на правата на студентите со Законот за високото образование е предвидено формирање на студентски правобранител на секој универзитет. Студентскиот правобранител ги штити законските права на студентите и правата утврдени со актите на Универзитетот и на единиците, кога им се повредени од органите на Универзитетот и органите на единиците, како и од други лица вклучени во високообразовната дејност.Значењето и специфичноста на оваа институција се огледува токму во начинот и методите на неговото дејствување. И покрај тоа што инструментите со кои располага, спаѓаат во групата на “меко право“, односно нема можност за нивно присилно извршување, во практиката досега не се случило надлежните да не постапат по укажувањата на Студентскиот правобранител. Тоа се должи на високиот углед и довербата која Студентскиот правобранител ја ужива во академската заедница.

Покрај заштита на правата на студентите преку постапување по поднесените претставки, Студентскиот правобранител има и информативна и едукативна улога во полето на студентските права, а им стои на располагање на студентите и кога имаат потреба од советодавно мислење, или пак доколку имаат прашања поврзани со правилата на студирање.

Скопје Инфо:  Како можат студентите да поднесат претставка во случај на повреда на нивните права и како се одвива понатамошниот тек на постапката?

Студентите можат да се обратат до Студентскиот правобранител преку официјаланата е-маил адреса st_pravobranitel@ukim.edu.mk, на телефонскиот број 072 30 20 20, или пак преку остварување на непосредна средба во просториите на Студентскиот правобранител кои се наоѓаат во „Палата Кузман“. Постапката за заштита на правата на студентите се поведува единствено врз основа на писмено барање кое треба да содржи лични податоци на подносителот, околностите, фактите и доказите на врз кои се темели барањето, како и да биде наведен органот, односно лицето на кое се однесува барањето. Доколку станува збор за прашање кое е од општ интерес (пр. ако поголема група на студенти е засегната од проблемот) барањето може да биде и анонимно. По секое поднесено барање за постапување се остваруваат средби со сите засегнати страни, се врши увид во документите на студентот и се преземаат други дејствија со цел утврдување на фактичката состојба. Доколку се констатира дека навистина постои повреда на правата на студентот, Студентски правобранител има овластување до управата на соодветниот факултет да поднесe извештај, со укажување на настанатата повреда на правата на студентот и да даде насоки/препораки за дејствијата кои треба да бидат преземени со цел отстанување на повредата. Факултетите се обврзани во определениот рок да достават информација за преземените дејствија, а студентите се информираат во текот на целото траење на постапката.

Скопје Инфо:  Кои се проблемите кои претствуваат дел од студентското секојдневие? За што вообичаено се обраќаат тие до Студентскиот правобранител?

Студентите се обраќаат за навистина разновидни проблеми. Меѓу потешкотиите со кои најчесто се среќаваат во текот на студирањето се вбројуваат неуредноста на студентското досие, осносно неуредната документација, бавната процедура за признавање испити доколку била искористена студиска размена, изгубени пријави за испит или испитен тест, одолговлекување на постаката за издавање на уверенија и дипломи, како и проблеми при извршувањето на еквиваленцијата за студентите кои сакаат да ги продолжат своите студии по нова студиска програма. Чести, но најчесто и неосновани се барањата за интревенција при ослободување или намалување на партиципација/кофинансирање. Во неколку наврати студентите се жалеа и на однесување на членови на академската заедница со кое се повредува достоинството на студентите и однесување кое не е во согласнот со Етичкиот кодекс на Универзитетот.

Скопје Инфо:  Дали сметаш дека студентите се доволно запознаени со постоењето и улогата на Студентскиот правобранител на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“?

Откако во 2009 година за првпат студент беше избран за носител на функцијата Студентски правобранител, беа преземени поинтензивни активности за запознавање на студентите со постоењето и надлежностите на Студентскиот правобранител. Основни информации, вклучително и начин на контактирање беа објавени на веб-страните на сите факултети и на Универзитетот, а ваквите информации се вклучени и во сите водичи за студирање од каде студентите првично се запознаваат со правилата на студирање. Практика е и замениците студентски правобранители непосредно во текот на предавањата на нивните факултети да одржат кратки презентации за надлежноста на Студентскиот правобранител, со што во голема мера се подобрува информираноста. Сепак, големиот број на претставки кои секојдневно ги добивам се најголем репер за високата запознаеност на студентите со функцијата Студентски правобранител.

Скопје Инфо:  Дали имаш соработка со другите органи на Универзитетот, како и со другите институции од областа на високото образование?

 Основната цел и мисија на секој Универзитет е академско образовање и надоградување на студентите, како и нивно оспособување за пазарот на трудот. Основна задача пак на телата во рамките на Универзитетот е обезбедување на што е можно повисок квалитет на овој процес, а во неговото постигнување значајно место зазема и заштитата на загарантираните права на студентите. Имајќи предвид дека заштитата на студентските права е наша заедничка задача, со сите тела во рамките на Универзитетот имаме висок степен на соработка и координација. Особено би сакала да ја истакнам и соработката со Државниот просветен инспекторат, со кој многупати заеднички постапуваме по барањата поднесени од страна на студентите.

Скопје Инфо:  Во изминатиот период беа промовирани поголем број на мерки чија целна група се студентите. Дали сметаш дека таквите мерки се целисходни и ќе придонесат до унапредување на положбата на студентите?

Водејќи се од моето досегашно искуство и проблемите за кои се обраќаат студентите, во неколку наврати имам укажувано на потребата од воведување на поширока основа за намалување или ослободување од трошоците за студирање. Постојат и позитивни примери на поединечните факултети, но за жал не е секаде воедначена практката. Согласно Законот за високото образование, право на бесплатно студирање, односно ослободување од партиципација имаат неколку категории на студенти, вклучително и студентите кои се деца без родители, лица растени во домови за напуштени деца како и воените инвалиди. Според најавата, веќе од почетокот на наредната академска година и студентите од самохрани и еднородителски семејства, со приходи не повисоки од минималната плата ќе можат да студираат со 50 проценти помала партиципација, што ќе биде значајно олеснување за голем број на студенти ширум државата. Ослободувањето од трошоците за престојување во студентските домови за студените од социјалните категории, како и бесплатниот јавен превоз несомнено придонесуваат за подобрувањето на социјалната и општествената положба на студентите и им овозможуваат, наместо за задоволување на нивните основни потреби, расположливите ресури да ги вложуваат во своето понатамошно професионално надоградување и усовршување. Можностите пак за целосно стипендирање на студирањето на најреномираните светски универзитети, во изминатите неколку години претставува дополнтелен поттик за најдобрите студенти. Сметам дека не постои подобра инвестиција на јавните финансии, од инвестицијата во студентите и нивниот напредок кои како идни академски граѓани ќе бидат водечките субјекти во нашето општество.

Скопје Инфо:  Кои се најзначајните тековни активности на Студентскиот правобранител?

Во текот на изминатиот период, покрај работата на тековните претставки, главен фокус за мене беше и работењето на новата веб-страница на  Студентскиот правобранител www.pravobranitel.ukim.edu.mk.Оваа веб-страница претставува значајна платформа на од која студентите можат да добијат информации за надлежноста на Студентскиот правобранител и за постапката за заштита на студентските права, за начинот на избор и за водечките принципи на работа, за релевантните правни акти во кои се инкорпорирани правилата на студирање, како и за тековните активности на правобранителот и замениците.Најкорисен за студентите очекувам дека ќе биде делот насловен ‘студентски права и обврски’. Во овој дел се обидов на сумарен начин да ги прикажам одговорите на најпоставуваните прашања од страна на студентите, поврзани со начинот на проверка на знаењето, правото на увид во испитниот материјал, поднесувањето приговор за оценката и други аспекти од студирањето. Се надевам дека во претсојниот период истата ќе биде надоградена и уште попосетувана од страна на студентите.