Вардарци ќе го дознаат противникот за полуфиналето во Лигата на шампионите

Македонскиот ракометен првак Вардар денеска ќе го дознае својот противник за полуфиналето во Лигата на шампионите.

Вардарци се дебитанти на завршниот „фајнал-фор“ турнир во елитното натпревраување во кое за можни противници во полуфиналето ќе ги имаат шпанската Барселона, унгарски Веспрем и францускиот првак ПСЖ.

Екипата на Барселона за која настапуваат македонските репрезентативци Кирил Лазаров и Борко Ристовски е единствената екипа која досега има триумфирано во Лигата на шампионите, а за каталонскиот гигант ова ќе биде шести настап во осумте досегашни завршни „Ф4“ турнири.

Унгарскиот првак Веспрем кого Вардар сезонава го доби во финалето на СЕХА лигата, ќе го има своето четврто во низа учество, додека втора година по ред во Келн ќе играат и ракометарите на ПСЖ.

Според реномето, но и прикажаното во текот на целата сезона се чини дека Веспрем е идеалниот противник за Вардар во полуфиналето, за разлика од ПСЖ и Барселона која пак вардаровиот капитен Стојанче Стоилов ја посакува за противник во финалето.

– Нема лесни противници во оваа фаза, бидејќи во Келн ќе биде европскиот ракометен крем. Нема голема разлика меѓу екипите, сите се суперквалитетни. Но, ако морам да бирам, би сакал финале со Барселона затоа што имаме двајца репрезентативци таму – Кире Лазаров и Борко Ристовски. Тоа би било доста интересно, да се бориме за трофеј со шпанскиот тим и репрезентативните колеги, изјави Стоилов.

Кој ќе биде противникот на Вардар во полуфиналето на Лигата на шампионите кое ќе се игра на 3 јуни, ќе биде познато денеска точно напладне (12 часот) по ждрепката која ќе се изврши во Келн градот домаќин на завршниот турнир.