Вардар потпиша со европскиот првак Чупиќ

Хрватскиот интернационалец Иван Чупиќ (30) е нов член на Вардар каде треба да остане во следните четири сезони. Европскиот првак кој во мај на Ф4 турнирот во Келн како член на Кјелце го освои трофејот доаѓа во Скопје како засилување на десната крилна позиција.

Чупиќ е четвртото засилување за Вардар во новата сезона и ќе игра заедно со Даниил Шишкарев на десната страна. Хрватското крило зад себе има искуство во играње во повеќе европски клубови и сезонава стана европски првак со Кјелце. Сезонава во лигата на шампионите постигна 67 гола. Како член на Кјелце постојано ја освојуваше двојната круна во Полска.

Со Кјелце двапати претходно играше и на Ф4 турнирот во Келн, а сезонава стана европски првак. И со германски Рајн Некар во сезоната 2010/2011 играше на Ф4 турнирот и тоа во финалето кога Кјелце загуби од Барселона.

Од 2009 година постојано е дел од сениорската репрезентација на Хрватска. На Олимпијадата во Лондон 2012 година беше втор најдобар стрелец

„Задоволни сме што во нашите редови во иднина ќе имаме играч кој бил европски првак и го знае тоа чувство. Вардар има амбиции да се искачи што е можно погоре на ракометниот европски врв и секогаш сака да ги има во своите редови оние што можат да му помогнат во остварување на таа цел. Веруваме дека Иван брзо ќе се вклопи во нашиот тим и заедно со Даниил Шишкарев ќе бидат одличен тандем на позицијата десно крило, изјави Давор Стојаноски, извршниот директор на Вардар.

Иван Чупиќ ќе и се приклучи на екипата по завршувањето на Олимпијадата во Рио каде настапува за репрезентацијата на Хрватска, заедно со Игор Карачиќ и Лука Циндриќ. Иван е татко на три девојчиња, а последната принова во семејството со сопругата Нера го добија на почетокот на март годинава.