Вардар подготвен за дуелот со Динамо

Македонскиот фудбалски првак Вардар подготвен го очекува утрешниот дуел со Динамо Загреб во квалификациите за Лигата на шампионите.

„Црвено-црните“ ги одработија подготовките за настапите на евро-сцената, а тренерот на Вардар, Гоце Седлоски побара поддршка од навивачите.

- Ги повикувам навивачите утре да дојдат во голем број и да ни помогнат. Динамо е голем тим со квалитетни играчи, најдобра екипа на Балканот, но и тие имаат слаби точки за кои верувам дека со помош на публиката можеме да ги искористиме и да направиме добар резултат. Не очекувам да не потценат, бидејќи ги знаат нашите квалитети, изјави Седлоски на денешната прес-конференција.

Тој информира дека нема да менува ништо во формацијата, а со кои единаесетмина ќе истрча на „Филип Втори“, тренерот на Вардар ќе одлучи по вечерашниот тренинг.

Фаворитската улога на гостите од Хрватска им ја препушта и капитенот Бобан Грнчаров, но тој додава дека Вардар има сили за победа.

- Уште пред 20-ина дена кога го добивме Динамо, размислуваме само на нашиот противник. Секој ден зборуваме само за нив. Играме во Скопје пред нашата публика. Верувам во еден позитивен резултат, а за мене тоа е победа. Не смееме да мислиме на неуспех затоа што така ќе ни биде тешко на реваншот во Загреб. Само храбро и напаѓачки и сметам дека можеме да победиме, истакна Грнларов.

Според него најголемата опасност по голот на Вардар доаѓа од напаѓачката линија на загрепчани.

- Нивното напапачко трио напред, крилата и напаѓачот се најопасните. Имаат доста квалитетни индивидуалци на кои треба да обрнеме внимание. Меѓутоа треба да ја гледаме пред се нашата игра, да играме онака како што ќе се договориме. Според она што го имаат направено во минатото и според традицијата се фаворити на хартија. Ама ние на терен треба да покажеме дека не е така. Теренот е мерило и најдобар показател за квалитетот. Веруваме дека можеме да оствариме добар резултат, а тој за мене е триумф без примен гол, изјави Грнчаров. 

Натпреварот Вардар – Динамо ќе се одигра на Националната Арена „Филип Втори“ во Скопје утревечер со почеток во 20 часот и 45 минути.