Вардар останува без Иван Чупиќ

Хрватскиот репрезентативец Иван Чупиќ, кој пред пет години дојде во македонскиот ракометен гигант Вардар и освои две европски титули (2017 и 2019 година) на лето ќе си замине од црвено-црните и ќе потпише за хрватскиот гигант ППД Загреб, најави сензационално „Балкан Хендбол“.

Чупиќ, кој моментно е со Хрватска на Светското ракометно првенство во Египет, неодамна беше поврзуван со трансфер во Кил, но потоа хрватското крило објави дека останува во Скопје до крајот на сезонава, а за потоа решава Вардар. Но, според „Балкан Хендбол“, веќе потпишал тригодишен договор со Загреб, каде се враќа по 14 години, а тој ќе биде вториот репрезентативец кој се враќа кај „плинарите“, откако претходно Жељко Муса објави враќање во хрватската престолнина од германски Магдебург.

Чупиќ својата кариера ја почна во Метковиќ, а потоа играше за Загреб по што следуваше интернационална кариера во Октавија Пилотес, Горење Велење, Рајн Некар Левен, Виве Кјелце и Вардар.

Тој е единствен ракометар во историјата кој има две европски титули во низа, со Кјелце во 2016 и со Вардар во 2017 година, а откако дојде во Скопје е еден од најомилените ракометари на вардаровите навивачи.