Вардар е првиот и единствен машки клуб во Македонија што ќе има женски тренер во стручниот штаб

Вардар е првиот и единствен машки клуб во Македонија што ќе има женски тренер во стручниот штаб.

Стручниот штаб на Вардар доби нов член и во иднина на клупата ќе биде и Билјана Црвенковска, заедно покрај главниот тренер Роберто Гарсија Парондо и тренерот на голманите Дејан Периќ. Таа е поранешка ракометарка на женскиот клуб на Вардар, и повеќе од една деценија репрезентативка на Македонија. Досега беше на местото заменик директор во клубот каде работеше по завршувањето на професионалната кариера во 2014 година.

Вардар е првиот и единствен машки клуб во Македонија што ќе има женски тренер во стручниот штаб. Црвенковска ќе биде и единствен тренер во стручниот штаб на клуб во лигата на шампионите и СЕХА Газпром лигата. Таа лани двапати беше на клупата на Вардар на натпревари од лигата на шампионите, на дуелите со Мешков Брест и Рајн Некар.

Билјана Црвенковска е дипломиран професор по физичко образование, спорт и фитнес и администрација на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје. Има и трета категорија како ракометен тренер во Македонија.

„Среќна сум за шансата што ја добивам и навистина се чувствувам почестена што ќе бидам дел од стручниот штаб на Вардар, односно помошник на тренерот Роберто Парондо. Ова е ново искуство и голем предизвик за мене. Ќе дадам сѐ од себе максимално да му помогнам на стручниот штаб и на целиот тим. Веќе неколку години сум дел од екипата на Вардар, со нив присуствувам на сите домашни натпревари, како и на повеќе гостувања. Знам како функционира тимот, се познаваме добро и очекувам соработка каква што и досега имав., изјави Билјана Црвенковска.

Зад себе има големо играчко искуство како дел од тимот на Кометал Ѓорче Петров во периодот од 2001 до 2008 година. Шест сезони беше дел од екипите на Ускудеа (Турција) и Салерно (Италија). Од 2012 до 2014 година играше за Вардар и беше дел од тимот што првпат настапи на Ф4 турнирот во Будимпешта.

Во својата 13 годишна репрезентативна кариера има настапувано на три СП и три ЕП во периодот од 2001 до 2014. Во 2008 година го постигна најголемиот успех на репрезентативно ниво со седмото место на сениорското ЕП.

Црвенковска во 2013 година беше прогласена и за најдобра спортистка на Македонија, во изборот на Сојузот на спортски федерации и Агенцијата за млади и спорт.

Вардар сезонава го брани трофејот во СЕХА Газпром лигата, домашното првенство и Купот. Во лигата на шампионите „црвено-црните” почнаа со победа и тоа на гостувањето кај актуелниот европски првак Монпелје. Сега во сабота во Скопје гостува првакот на Шведска, Кристијанштад. Тој натпревар е закажан за во сабота во 17,30 часот во СЦ „Јане Сандански” во Скопје.