Вардар без Штербик ќе се бори за бронза

Растоварени и без притисокот од вчерашното полуфинале, вардарци денеска ќе излезат на мегдан со ПСЖ, во утешниот меч за трето место на Ф4-турнирот во Келн. Раул Гонзалес направи две промени во составот, а една од нив го прати Арпад Штербик на трибини.

Како што пренесе порталот Спорт1 , Вардар нема да ја има помошта од Штербик на денешниот меч со ПСЖ. Тој и онака немаше свој ден вчера, бележејќи само една одбрана против Монпелје, па сега ќе се пресели на трибини. Натпреварите „ден за ден“ се тешки, особено за спортист кој ја привршува четвртата деценија, а фактот што значењето е драстично помало го ослободува Раул да го поштеди Штербик, а да му даде шанса на младиот Ѓорѓески.

Покрај третиот голман на Вардар, шанса ќе добие и Мартин Поповски. Точно дека тој ќе биде трета опција на десно крило, бидејќи Чупиќ и Шишкарев остануваат во тимот, сепак ќе има можност да влезе, бидејќи Јања Војводиќ отпадна од составот, кој вчера играше против Монпелје.

Натпреварот почнува во 15.15 часот и ќе претставува шанса за Вардар да се утеши по вчерашниот неуспех, иако ќе биде ѓаволски тешко против ранетите ѕвезди од ПСЖ.