Вапцање јајца: Совети за почетниците

Ова е една од најубавите недели во пролетта – недела во која го славиме воскреснувањето Господово и во која го украсуваме својот дом во стилот на Велигден. Еден од најмоќните обичаи е и вапцањето јајца што претставува вистинско задоволство за многу домаќинки, но и целото семејство.

Во минатото, жените ги вапцале јајцата само во црвена боја што ја симболизира крвта на Исус. Таков е и обичајот, првото јајце да се исфарба во црвена боја, пред зори. Тоа се нарекува „чувар на куќата“ и се чува во текот на целата година. Како што говори и самото име, ова јајце ја чува куќата, домот и целото семејство од еден до друг Велигден.

Совети за почетниците

Свежината на јајцата можете да ја проверите ако ги пуштите во студена солена вода. Ако потонат во неа, тоа значи дека се свежи. За да го избегнете пукањето на јајцата во текот на варењето, во водата треба да додадете 1 супена лажица оцет.

Доколку сакате јајцата лесно да ги излупите по варењето, штом ги сварите ставете ги во студена вода. Корисно е да ги измиете добро јајцата пред варењето во разблажено средство за перење садови за да се отстранат сите нечистотии и јајцата да бидат чисти и подготвени за вапцање.

Офарбаните јајца добиваат многу убав сјај ако по фарбањето ги намачкате со салфетка на која ќе капнете малку масло или маргарин. Дури и парче сланина може да се искористи за оваа намена.