Вандали запалиле контејнери во дворот на Средното медицинско училиште во Битола, огнот ја зафатил и фасадата

Средното медицинско училиште во Битола за време на велигденските празници беше мета на вандалски чин.

Имено, од училиштето известуваат дека на 11 април во 1 часот и 30 минути по полноќ бил извршен вандалски чин со палење на контејнерите во дворот на училиштето, при што пожарот се проширил и предизвикал оштетување на фасадата на задниот дел на објектот.

-Благодарение на навремената интервенција на надлежните служби од противпожарната единица и Министерството за внатрешни работи, пожарот беше локализиран и спречени се поголеми последици. Случајот е пријавен и во тек е постапка за откривање и санкционирање на сторителите. Остро го осудуваме овој чин на уништување на јавен имот и апелираме до надлежните институции за брза и ефикасна разрешница, велат од училиштето.

Од таму порачаа дека ќе бидат преземени сите потребни мерки за целосна санација на штетата и дополнително зајакнување на безбедноста.