Вакцинираните имаат одредено ниво на заштита и од омикрон

Докторот Ентони Фаучи, инфектолог и главен советник на претседателот на САД во врска со пандемијата, изјави дека вакцинираните имаат „одредена заштита“ од новиот сој на коронавирус, но за неколку недели ќе се знае колку навистина се ефикасни вакцините и дали има потреба од нивно подобрување.

Но, тој истакнува дека омикрон се разликува од останатите соеви на коронавирус.

Иако вели дека вакцините кои се користат во САД (Pfizer, Moderna, J&J) можат да спречат појава на тешки клинички слики предизвикани од омикрон, нагласува дека засега не е сигурно дали можат целосно да заштитат од заразување со коронавирус.

Засега во САД нема регистрирани случаи на омикрон, а не може да се предвиди ниту дали ќе стане доминантен сој во новите зарази.

Директорот на компанијата Moderna во интервју за FT вели дека постоечките вакцини ќе бидат помалку ефикасни за омикрон и дека веќе работат на вакцина против овој сој.