Вакцината на АстраЗенека ефикасна за сите возрасни групи

Европската агенција за лекови (ЕМА) препорача употреба на вакцината АстраЗенека против Ковид-19 за сите возрасни групи, и ова е силен сигнал до сите граѓани дека се работи за безбедни и ефикасни вакцини, соопшти Европската комисија.

Во врска со информациите дека Германија и Белгија изразиле сомневање во врска со ефективноста на вакцината АстраЗенака за лица над 65 и 55 години, Комисијата наведува дека е во надлежност на земјите-членки да одлучуваат за „дополнителни и построги барања за употреба на некои вакцини, се додека тоа не е во спротивност со препораките на ЕМА.

Европската комисија ги повика и интернет-платформите, како што се Фејсбук, Твитер, Јутјуб и Гугл, итно да работат на решавање на дезинформациите што се појавуваат на социјалните мрежи кога станува збор за вакцините против коронавирусот.

„Живееме во глобална здравствена криза, а проверените информации можат да спасат животи“, се вели во пораката од Брисел.

ЕУ потенцира дека од договорените 2,6 милијарди вакцини за ЕУ-27, 1,2 милијарди се во моментов во производство, што според очекувањата на Брисел би требало да овозможи крајот на летото во ЕУ, да биде вакцинирано 70 проценти од населението.