Вакцинацијата за заштита од грип ќе почне на крајот на октомври, за старите лица бесплатно

За заштита од сезонски грип, македонските граѓани првпат годинава ќе можат да се имунизираат со четиритипна вакцина, која ќе штити од четири вида на инфлуенца. Ова е по препорака на Светската здравствена организација (СЗО) од каде сметаат дека овие вакцини се поефикасни.

Здравствените власт за Вечер велат дека постапката за јавната набавка на вакцините е во тек и до крајот на месецов се очекува да се стартува со имунизацијата.

Новина е што годинава за постарата популација над 65 години ќе има околу 28.000 дози бесплатни вакцини против грип. Уште 20.000 вакцини ќе се наплатуваат, но не по 400 денари како досега, тие ќе имаат повисока цена бидејќи се работи за нов тип на вакцина.

– Јавната набавка опфаќа 28.000 дози, согласно предлогот на Комисијата за заразни болести за четиривалентна вакцина против грип, која е според препораките на СЗО и Европската медицинска агенција. Истата е наменета за имунизација на лица над 65 години со просечна пензија, потпросечна пензија и без примања – велат од Министерството за здравство и дополнуваат дека за оваа постапка е предвидено 13.333.333,00 денари.

И годинава најмногу вакцини ќе има за скопскиот регион. Како што не информираа од Скопскиот институт за јавно здравје годинава имунизацијата нема да стартува како досега за празникот 11 Октомври, туку подоцна кој крајот на октомври кога ќе пристигнат новите вакцини.

На скопјани годинава првпат ќе им бидат достапни над 10.000 вакцини против грип. Што се однесува за вакцините наменети за постапри од 65 години со просечна пензија, подпросечна и без примања се бесплатни и нив треба да ги обезбеди Министерството за здравство.

Епидемиолози незнаат дали ќе ги потрошат сите вакцини, но велат дека според препораките на СЗО, во Скопје треба да бидат имунизирани околу 120.000 граѓани, а не како досега 12.000, за да има колективен имунитет.

Во оваа група на граѓани кои треба да се заштитат од сезонски грип треба да бидат вклучени сите вработени во здравството, полицијата, шалтерските работници, образованието… Квалитетот на вакцините ќе биде земен предвид, за што Министерството за здравство годинава дополнително ќе бара документ со кои што ќе се потврди квалитетот на вакцините

Дел од епидемиолозите сметаат дека матичните лекари треба да се вклучат во дел кај постарите пациенти за да ги насочат каде треба да се имунизираат со цел да да не настанат гужви.

Статистиката од изминатите години покажува дека во една сезона во земјава се трошат околу 30.000 вакцини за заштита од грип, приближно иста бројка колку и најавените бесплатни дози.

-Количините ќе бидат распределени според потребите на населението. Вакцинирањето ќе почне веднаш по завршување на јавната набавка на вакцините. Инаку, се работи за сезонска вакцина против грип, четиривалентна, согласно препораките на СЗО за северната хемисфера за сезона 2018/19 година – дообјаснуваат од ресорното министерство.