Вакцинација единствена заштита - епидемија од мали сипаници на граница со Македонија, седма жртва во Србија

Сипаниците се најчестите заразни заболувања во детската возраст. Од ова не се поштедени ни возрасните, особено оние кои не ги прележале како деца.

За сипаниците не постои специфичен лек. Единствен начин да се заштитиме од нив се вакцините и затоа е неопходно вакцинацијата да се спроведува правовремено и редовно.

Надлежните лица апелираат родителите да ги вакцинираат децата. Вонредната вакцинација се однесува на блиските во семејството или евентуално, ако се појави во некој колектив. И во период на инкубација вакцината може слободно да се прими, бидејќи не се знае во која насока се движи епидемијата.

Се дозволува вакцинација и на постари лица доколку биле во близок контакт со заболениот.

Како што велат лекарите, првите симптоми на мали сипаници пред да се појави осипот се слични како на грип. Морбилите кај повозрасните лица може да предизвикаат сериозни компликации на белите дробови, централниот нервен систем и дијареа. Малите сипаници ги предизвикува исклучително заразен вирус, а инкубацијата трае десет дена. Инфекцијата почнува како респираторно заболување кое се манифестира преку зголемена телесна температура, која може да достигне и над 40 степени. Пациентот може и да кашла, да се жали на гребење во грлото, течење на носот, повраќање, дијареа. Почетокот на болеста се карактеризира и со изнемоштеност и црвенило на очите конјунктивитис.

На крајот се појавува осип кој постепено се спушта од лицето кон долните екстремитети. Карактеристичниот ситен осип се јавува на лицето два до четири денови од почетокот на симптомите. Осипот се губи од пет до седум денови по појавата и постепено исчезнува. Во лекувањето на болеста не се користи специфична терапија, а болниот треба да лежи во чиста постелнина.

Четириесетгодишна жена почината поради компликации предизвикани од мали сипаници, соопшти Инстутот за јавно здравје во Србија. Болеста е лабораториски потврдена. Жената добила воспаление на белите дробови.

Ова е седма жртва во Србија која починала поради компликации од мали сипаници.

Од октомври минатата година заклучно со петти март, во Србија се регистрирани вкупно 3.123 случаи на мали сипаници. Од вкупниот број, 33 отсто биле хоспитализирани. Од тешките компликации на малите сипаници е регистрирано воспаление на мозокот кај една пациентка и воспаление на белите дробови кај 292 пациенти.