
Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул од состанокот во рамките на Берлинскиот процес ги повика членките на Европската Унија да ги исполнат ветувањата за проширувањето кон земјите од Западниот Балкан, предупредувајќи дека кредибилитетот и влијанието на ЕУ во регионот се загрозени поради бавниот напредок.
Австриската министерка за надворешни работи Беате Мајнл-Рајзингер оцени дека ЕУ повеќе не може да си дозволи бавни и бирократски процеси во момент кога, како што рече, глобалната ситуација брзо се менува.
„Се наоѓаме на раскрсница кога е во прашање процесот на проширување на ЕУ“, им изјави Вадефул на новинарите по состанокот во Будва, одржан во рамките на Берлинскиот процес, пренесува бриселскиот портал „Политико“.
Вадефул потсети дека ЕУ уште на самитот во Солун во 2003 година порача дека Западниот Балкан и припаѓа на ЕУ, додека Германија во 2014 година го покрена Берлинскиот процес со цел забрзување на европските интеграции на регионот.
„Не го исполнивме она што го ветивме“ рече Вадефул, повикувајќи ги членките на ЕУ да им покажат на земјите од Западен Балкан дека ветувањето од Солун било вистинско и дека Европа е партнер од доверба.
Германскиот министер предупреди и на конкуренцијата од други сили за влијание на Балканот, наведувајќи ги „геополитичките противници и ривали“, што се однесува пред сè на Русија и Кина.