Вадат делови од панорамските автобуси за да ги поправат двокатните во Скопје

За да ги одржува затворените двокатни автобуси, Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) Скопје е принудено да вади делови од панорамските автобуси.  Од претпријатието велат дека мора така да се постапува поради тоа што не е обезбедено сервисирање за автобусите, известува „Порталб“.

Портпаролката на ЈСП Скопје, Деспина Трајковска, вели дека поголемиот број од новите градски автобуси кои се пуштаат во сообраќај постојано се расипуваат, а пак останатите се демонтирани и од нив се земаат делови за да се поправат автобусите што треба да се пуштат на линиите. Од претпријатието велат дека ваквата ситуација е наследена од претходното раководство.

– Повеќе од јасно е дека оваа состојба е пораади нискиот квалитет на купените возила пред само 7 години. Тие биле купени прескапо, а квалитетот не ја оправдува цената. Сепак, и покрај ваквата наследена состојба со возилата, раководството на ЈСП успева да го одржи јавниот превоз во нормален тек. Истовремено, за да се подобри квалитетот на јавниот превоз, ЈСП Скопје во соработка со Град Скопје веќе има преземено конкретни мерки за опремување на возниот парк со нови возила – велат од ЈСП за „Порталб“.

Јавното сообраќајно претпријатие Скопје секојдневно пушта во редовен сообраќај 272 градски автобуси. Од нив 200 се двокатни автобуси од Кина, од кои 20 отсто постојано се расипуваат. Од 16-те двокатни панорамски, само два се во функција.

Од обичните автобуси „Лаз“, од 80 во функција се 77. ЈСП има на располагање 20 од постарите автобуси, кои ги пушта на линиите кога ќе се расипат поновите.

Двокатните автобуси од Кина и 80 автобуси од Украина ја чинеа претходната влада околу 40 милиони евра. Набавката е извршена во 2011 година во времето кога министер за транспорт и врски беше Миле Јанакиески.

СЈО отвори нов предмет за набавката на 202 двокатни автобуси, поради сериозни сомнежи за штета на државниот буџет од пет милиони евра. Ги сомничи Миле Јанакиески, Снежана Филиповска – Павлеска како претседателка на Комисијата за спроведување на јавни набавки, и Игор Јанушев и Јулија Јанкуловска – Атанасова, како членови на Комисијата за спроведување на јавни набавки дека ги злоупотребиле нивните службени позиции и овластувања за кинеската компанија „Јутонг“ од Кина.