Увозот на возила лани ги срушил рекордите: Што возиме повеќе? Дизелаши или бензинци

Увозот на возила лани ги срушил рекордите за последните пет години. За само 11 месеци се увезени 35.513 патнички автомобили, при што дури 27.018 од нив се половни возила што биле веќе употребувани во странство.

Фрапантните бројки на Царинската управа покажуваат дека овие бројки се поголеми од вкупниот годишен увоз на возила за изминатиот петтогодишен период. Од година во година расте и бројката на регистрирани возила од македонските граѓани, а Државниот завод за статистика новите рекордни бројки за 2018 година треба допрва да ги објави.

Во првите четири годнини, од 2010 година кога се дозволи увоз прво на возила со еуро 1, а потоа и со еуро 2 стандард, во земјава влегоа повеќе од 160 илјади патнички возила, што е речиси две третини од поранешниот вкупен возен парк, чија просечна старост се проценуваше на 14-15 години.

Иако се очекуваше дека овие мерки, колку толку, ќе го подобрат возниот парк, сепак се случи само замена на прастарите автомобили од социјалистичкото време со други возила кои исто така беа стари. Имено, нормите еуро 1 во Европа стапија во сила во 1993 година, а еуро 2 во 1997 година.

Подоцна, беше подигнат прагот на еко нормите, но драстичното зголемување на бројот на стари возила во сообраќајот само придонесе за поголемо загадување на воздухот.

Доколку сака воопшто некогаш да стане членка на Европската Унија, Македонија во најбрзо време ќе мора да се насочи кон решавањето на проблемот со половните автомобили и високото ниво на загадување што тие го создаваат низ градовите.

Во многу европски метрополи се воведени забрани за движење на стари возила низ централните градски средини, се стимулира користењето на велосипедите и на градскиот превоз, а управите на европските метрополи инвестираат постојано во нови алтернативни средства за јавен транспорт низ градовите.