Утрово грчки борбени авиони надлетуваа над македонското небо

Со два прелета во воздушниот простор на Република Северна Македонија изутринава од 7:30 до 9:30 часот се изврши првиот пробен прелет за потребите на НАТО мисијата „Air Policing“ (чување на воздушниот простор). Прелетот го извршија воздухоплови на вооружените сили на Република Грција.

Целта на прелетот е проверка на комуникациите и радарската покриеност на нашиот воздухопловен простор.

Прелетите се во функција на подготовката и исполнувањето на условите од страна на Република Северна Македонија во делот на воздухопловството како идна рамноправна членка во системот на колективна безбедност, соопшти Министерството за одбрана.

Мисијата „Air Policing“ е мирновремена задача на НАТО, која вклучува користење на системот за следење на воздушниот простор и управување со системот за команда и контрола на воздухопловните сили со соодветни сили и средства за противвоздушна одбрана, со цел заштита на воздушниот простор на земјите членки на НАТО.