Утре завршува вакцинацијата на вработените од критичната инфраструктура

Денеска и утре завршува вакцинацијата на вработените од критичната инфраструктура опфатени во првата фаза, а имунизацијата против Ковид – 19, согласно Националниот план продолжува со вакцинација на граѓани, изјави министерот за здравство, Венко Филипче.

„Останатиот дел од 20.000 вакцини ‘спутник В’ ќе бидат распределени по возрасни групи онака како што сега се одвива вакцинацијата од почеток со вакцината на ‘Астра зенека’ по вакциналните пунктови. Апелирам до сите да се пријават на сајтот за вакцинација vakcinacija.mk за податоците да влезат во системот Мој Термин и на тој начин бидат регрутирани. Истовремено и матичните лекари имаат обврска да ги анкетираат своите прикрепени пациенти, посебно оние постарите кои треба да го изразат интересот за вакцинација. Значи од среда вакцинацијата ширум државата продолжува со возрасните категории граѓани, како ќе доаѓаат понатаму вакцини ќе се надополнуваат двата системи – приоритетно за постарите граѓани и продолжување на делот на критичната инфраструктура“, изјави Филипче.

Министерот истакна дека вакцинирани се сите оние коишто имаа најголем ризик, кои практично учествуваат во менаџирањето на кризата од самиот почеток, како припадници на МВР, Армијата, понатаму вработените во училиштата, наставничките од 1-3 одделение, негувателките и воспитувачките и вработени во правосудниот систем. Денеска се вакцинираат вработените во медиумите.