Со комедијата на народниот театар „Антон Панов“ од Струмица, „Дванаесеттата ноќ – спроти Водици“, вечерва завршува натпреварувачкиот дел на меѓународниот фестивал на комедијата „Гола месечина“.

Покрај оваа претстава за најдобра режија, најдобар актер, најдобра актерка, гран при за најдобра претстава во целост и за награда за уметнички впечаток, ќе се борат и комедиите „Једваносимсобоакаломистобо“ од Босна и Херцеговина, „Синиот портокал“ од велешкиот театар „Џинот“, „Госпоѓа министерка“ од народниот театар во Ниш, „Умри машки“ од Народниот театар во Штип и „Кидај из моје кухиње“ на шабачкиот театар од Србија.

Изборот на најдобрите ќе го изврши жири-комисијата во состав Магдалена Ризова, Иван Лео Лемо и Љупчо Петрушевски, а наградите ќе бидат доделени в недела на свеченото затворање на фестивалот кога ќе бидат одиграни детската претстава на Театарот за деца и младинци од Скопје „Тоби“ и стендап-комедијата на Марјан Ѓорѓиевски.

Фестивалот се одржува на отворена сцена во Спортскиот центар „Ново Лисиче“, но поради временските услови, отворањето беше поместено на сцената на Театар „Комедија“, а таму ќе се одиграат и другите претстави доколку има невреме до крајот на манифестацијата.

Фестивалот „Гола месечина“ игра важна улога во развојот на културниот живот во општина Аеродром. Токму затоа Општината и оваа година издвои еден милион денари од сопствениот буџет, а овозможува и логистичка поддршка за успешна реализација на настанот. Организатор на настанот е Театар „Комедија“.