Утре во Скопје протестен марш против загадениот воздух

Од иницијативата Зелен Хуман Град, за утре, најавија протест против аерозагадувањето во главниот град. 

- Во 16:00ч. почнуваме со протестирање од Министерство за животна средина и ПП, преку Собрание и завршуваме пред Владата на Република Македонија. Протестираме бидејќи секоја година во Македонија се бележат околу 3.828 смртни случаи предизвикани од изложеност на честичките PM2.5, кои се меѓу најштетните за здравјето. Тоа изнесува 17.7% од вкупната смртност во државата. Овие честички се поврзани со широк спектар на здравствени проблеми, како што се белодробни заболувања, срцеви удари и рак на белите дробови, се наведува во повикот за марш од ЗХГ. 

- Особено загрижувачки е дека еден од девет смртни случаи кај деца до една година во Македонија е поврзан со загадениот воздух! Загадувањето во Скопје и другите градови во Македонија со години е проблем на сите жители, а со тоа и на секоја власт. Колку побрзо се почне со спроведување мерки кои меѓусебно се надополнуваат и си го зголемуваат позитивниот ефект врз квалитетот на воздухот – толку побрзо ќе го решиме овој долгогодишен проблем, појаснуваат од ЗХГ.

Бараат од надлежните институции, Владата на Република Македонија и општините да преземат итни и среднорочни мерки за справување со загадувањето на воздухот.

Граѓаните нема веќе да толерираат неодговорно однесување кон еден од најгорливите проблеми со кои се соочуваме!