Утре свечено отворање на автопатот во јужна Србија кон Македонија

Српската министерка за градежништво, сообраќај и инфраструктура Зорана Михајловиќ денеска најави дека в сабота во Грделичка Клисура свечено ќе биде пуштен во употреба јужниот крак на автопатот на Коридор 10 низ јужна Србија до границата со Македонија.

Михајловиќ за ТВ Прва изјави дека со завршувањето на работите во Грделичката Клисура, целосно е комплетирана изградбата на јужниот крак на Коридорот 10 низ Србија и дека сега од Белград до македонската граница, ќе се пристигнува за три и пол часа, безбедно по автопатот.

Коридорот 10 почна да се гради во 1970 година. Работите на јужниот крак започнаа по 2000 година, за конечно да бидат завршени во 2019 година. Само работите во Грделичката Клисура чинат речиси 400 милиони евра, но ние треба да знаеме дека ова беше најтешкото градилиште во Европа, истакна министерката Михајловиќ.

Според неа, досега странците ја заобиколувале Србија, па така пред четири години на Коридорот 10 имало околу 36 милиони автомобили годишно, а веќе минатата година имало 56 милиони автомобили.

За Коридорот 10, Михајловиќ рече дека ќе биде профитабилен веќе за пет години, но дека профитабилноста нема да се гледа само преку наплата на патарина, со цена која ќе биде стандардна, туку е значајна и поради привлекувањето на инвеститори.

Во врска со најавата за саботното отворање на автопатот низ Грделичкате Клисура се огласи и српскиот претседател Александар Вучиќ на Инстаграм.