Утре стартува пробниот попис на населенето

Без усогласен закон за попис на населението меѓу власта и опозицијата во петок стартува пробниот попис на населенето што ќе се спроведува во 13 општини во државата како подготвока за вистинскиот попис наредната година.

Откако во понеделникот беше откажана собраниската расправа за законот, нема најава за политички разговори иако од ВМРОД-ПМНЕ велат дека предложениот закон е таен договор меѓу СДСМ и ДУИ и бараат и тие да бидат консултурани за најголемата статистичка операција. Во спротивно,  не исклучуваат и бојкот на целата операција.

Зоран Заев е должен да им каже на граѓаните дали пред вториот круг од претседателските избори тој се сретнал со Али Ахмети и за што се разговарало на оваа тајна средба. Од интерес на граѓаните е да се спроведе Европски попис, а не попис каков што Заев договорил на тркалезна маса, попис на матични броеви. Пописот е статистичка, а не политичка операција, коментираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од владејачката партија пак, велат ако е потребно ќе има и лидерска средба, но дека пописот не смее да се политизира.

Според најавите од Државниот завод за статистика, пробниот попис ќе се спроведува според методологија предвидена во повлечениот закон, а попишувачки тимови ќе има во 32 пописни круга во 13 општини. Од петок ќе се тестира методологијата на попишување, потоа компјутерскиот центар, времето на попишување, но и за да се утврди со колкава доверба граѓаните ќе ги примаат попишувачите. Податоците од пилот пописот нема да бидат објавени.

Вистинскиот попис пак, треба да се реализира во април следната година. Предвидено е да има графа за етничка и верска припадност, а ќе ги опфати лицата кои се во странство. Тие ќе бидат забележани во посебна категорија како “нерезидентни” граѓани, а ќе може да ги пријават најблиските роднини преку нивниот матичен број.