Утре, со низа активности, ќе се одбележи роденденот на Тоше Проески

Со посета на вечното почивалиште на Тоше, со промоции, крводарителска акција, со доделување хуманитарни ваучери и со сценско-музички настан насловен „Ангел си ти“ утре во Крушево на Гумење и во неговата спомен куќа, ќе биде одбележан 41 роденден на нашата и балканска музичка ѕвезда Тоше Проески.

Тоше загина на 16 октомври 2007 година во сообраќајната несреќа кај Велика Градишка во Хрватска.

Одбележувањата утре почнуваат со крводарителската акција во спомен куќата „Тодор Проески“ на Гумење во Крушево, каде се и најавените настани. Акцијата ќе трае од 10 до 16 часот.

Од 10:30 часот е промоција на книгата на Бојан Тодоровски и музичкиот настап на Никола Зацески со групата „Мелем“. Веднаш потоа, од 11 часот ќе биде промовирана збирката песни „1 200 молитви за Тоше“, со музички перформанс на Горан Папаз.

Напладне ќе бидат доделени хуманитарни ваучери, а од 12:30 часот е посетата на вечното почивалиште на Тоше на Гумење

.Од 14 до 16 часот во Спомен-куќата на Тоше е музичко-сценскиот настан насловен „Ангел си ти“ во изведба на камерниот оркестар од Битола со пијано трио од Скопје и со солисти од Македонската опера и балет под диригентство на Владимир Димовски.