Утре протестен марш: Родителите со порака – учебници и настава мора да има!

Утре со почеток во 12 часот, во организација на граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има“, се организира мирен протест против Законот за учебници и наставни материјали во основното и средното образование, според новиот концепт на министерката за образование и наука, Мила Царовска.

Како што е објавено, собирот на учесниците од 11 до 12 часот ќе биде во Паркот на новинарите, спроти зградата на поранешна НИП „Нова Македонија“. Маршот започнува во 12 часот од Министерството за образование и наука по булевар „Свети Кирил и Методиј“, булевар „Свети Климент Охридски“ и булевар „Илинден“ до Владата на Македонија. Пред Владата на Македонија ќе биде прочитана изјава со барања од протестниот марш, кој продолжува по булевар „Илинден“, булевар „ВМРО“, булевар „Даме Груев“ и булевар „11 Октомври“ до Собранието на Македонија и Паркот „Жена борец“ во Скопје.

Во 14 часот во „Жена борец“ ќе биде поставена импровизирана училница со отворена Книга за потписи за поддршка на граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има“. Во импровизираната училница е предвидено да бидат поставени 10-15 училишни клупи, 20-30 училишни столчиња и училишни реквизити (расипани компјутери, таблети, скинати учебници и оштетени дидактички материјали). Импровизираната училница ќе остане до крајот на денот и наредниот ден 16 мај (недела) до 21 часот. Книгата за потписи ќе биде отворена и на 16 мај од 9 до 21 часот.

Организаторот на протестот ги кани сите политички партии и здруженија на граѓани на масовно учество, без партиски обележја и обележја на здруженија.

Организаторот на протестот апелира до сите учесници да се придржуваат на протоколите за време на пандемија, носење маски и на пропишана дистанца, како и на почитување на неповредливоста на имотите и неприкосновеноста на животите. Организаторот се оградува од навредливи скандирања и транспаренти на етничка и верска основа!