Утре по трет пат ќе се гласа во едно избирачко место во Чаир

Во избирачкото место 2901 во општина Чаир утре гласачите ќе излезат да гласаат третпат.

По тужбата на Беса, поднесена по вториот круг на локалните избори што се одржаа на 29 октомври, Управниот суд донесе одлука за прегласување на ова избирачко место со образложение дека резултатот може да влијае врз конечниот изборен резултат за оваа општина.

Во избирачкото место 2901 кандидатот на ДУИ, Висар Ганиу, освои 98 гласа, а кандидатот на Беса, Зеќирија Ибрахими – 164 гласа. На ова избирачко место вкупно се запишани 719 избирачи.

На ниво на цела општина Висар Ганиу освои 13.916, а Зеќирија Ибрахими 13.707 гласа.