Утре на Водно - Прв до врв 2018

Шестото издание на најголемиот планински спортски настан во регионот, Прв до врв 2018 ќе се одржи утре на Водно. И оваа година во програмата се трките во планинско трчање, планински велосипедизам, друмски велосипедизам, како и традиционалниот пикник на целта кај врвот, по завршувањето на трките на кој е предвидена музичка програма и церемонија на прогласување на победниците.

Стартовите на трките се закажани во 9 часот и 45 минути кај Музејот на град Скопје за велосипедистите, и во 10 часот кај основното училиште Кочо Рацин за оние кои ќе се натпреваруваат во трчање и планинарење.

Оваа година се очекува на учествуваат над две илјади натпреварувачи со најголем број на учесници од странство до сега.

Пријавувањето за учество е сѐ уште отворено преку веб страницата  www.prvdovrv.mk. Регистрираните учесници ќе можат да ги подигнат своите стартни пакети и денеска на плоштадот Македонија, а оние кои доаѓаат од другите градови и држави истото ќе можат да го сторат и во недела, на денот на трката, од 8 до 9 часот кај ОУ Кочо Рацин.

Настанот го организира здружението за спорт и рекреација Прв до врв во соработка со градот Скопје и со поддршка на деловната и општествената заедница.