Утре ќе се палат свеќи и ќе се положува цвеќе за Аки на плоштадот Македонија

Во среда, 26 јануари, ден пред неговиот погреб во Загреб, Скопје ќе го испрати својот сограѓанин и пријател, легендарниот фронтмен на групата „Парни ваљак“ и најдобриот рок-вокалист во поширокиот регион – Аки Рахимовски.

Поради епидемиолошките ограничувања, последното испраќање на Аки се организира на Градскиот плоштад, кај тревникот пред „Пелистер“, каде ќе биде отворена книга на жалост и ќе се слушаат неговите песни. Сите пријатели, обожавателите на неговата музика и почитувачите на неговата работа ќе можат од 13 часот да се запишат во книгата на жалост, да положат цвеќе или да запалат свеќа во чест на нашиот Аки.

Главното собирање се планира од 18 до 19:30 кога хорови, пејачи и пријатели заеднички, за збогување, ќе отпејат некои од најголемите хитови на „Парни ваљак“.