На фејсбук денеска се споделува фотографија направена од студентскиот дом „Пелагонија“ во Кисела Вода на која се гледа како под прозорците на домот е направена дива депонија. Ова го вклучи алармот па од ЈП „Комунална хигиена“ најавија дека денеска ќе ја исчистат енормната количина на насобран отпад во дворот на студентскиот дом.

– И покрај фактот дека чистењето на ваквите површини не спаѓа во ингеренциите на ЈП „Комунална хигиена“ , решивме да ги спроведеме овие активности, со цел да се спречи ширењето на зарази и да се заштити животната средина – велат од ЈП”Комунална хигиена”.

Чистењето ќе започне во 12,30 часот, а директорот на ЈП”Комунална хигиена”, Абдусамед Шабани и градоначалникот на општината Кисела Вода, Филип Темелковски, ќе им се обратат на граѓаните со апел за совесно постапување со отпадот и штетноста од создавањето на дивите депонии коишто директно ја загрозуваат животната околина и претставуваат закана за здравјето на граѓаните.