Утре и задутре, настан за сите љубители на цвеќето и природата – Скопски цветен фестивал во Градски парк

Петтиот Скопски цветен фестивал кој е под покровителство на Град Скопје, а во организација на ЈП “Паркови и зеленило” ќе се одржи на 12 и 13 мај 2018  во Градскиот парк во Скопје на почетокот на вториот дел, под мотото “Во боите на виножитото”.

– Фестивалот ќе започне на 12 мај со цветно дефиле од фонтаната Лотосов цвет во 11 часот и во него ќе учествуваат деца од предучилишните установи и основните училишта, облечени “Во боите на виножитото”, кои ќе се движат низ 5 различни патеки во паркот, а дефилето ќе го пратат повеќе од 200 велосипедисти – велат организаторите.

Фестивалот ќе го отворат Градоначалникот на Град Скопје и Генералниот директор на ЈП “Паркови и зеленило” во 12 часот .

Пред присутните во паркот на отварањето ќе настапат Арсихана Луци, Златните славејчиња, Диана Тахири и Драмското студио ОЏО, а потоа граѓаните ќе имаат можност да учествуваат во целодневни активности кои ги нуди програмата, да проследат шоу со магионичари, да вежбаат јога и зумба на отворено, да слушаат музика, да погледнат и учествуваат во најразновидни цветни перформанси,

– Целта на фестивалот е на едно место да ги собере сите љубители на цвеќето и природата, уредувањето на околината, уметници, деца и ученици кои што на овој простор ќе ја изразат својата умешност со цвеќето, декорацијата и дизајнот, да се промовира одгледувањето цвеќе пред граѓаните, најмладите да се вклучат во работилници, да ја покажат својата креативност и да научат нешто повеќе за цвеќето, како и да се подигне јавната свест за заштита на животната средина – нагласуваат организаторите.

Оваа година на манифестацијата ќе се претстават повеќе од 37 изложувачи- цвеќари и фирми за хортикултурно и пејзажно уредување, институции и невладини организации од областа на екологијата.

Манифестацијата ќе биде отворена до 18 часот во недела 13 мај.