Утре „Генералка викенд“ - еве каде ќе се чисти во Скопје

Пивара Скопје, Пакомак и Мен енд Маунтен ја најавија досега најголемата еколошка акција – ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД 2022, што ќе се спроведува во 26 општини низ државата, вклучително и во Град Скопје.

 Еко-акцијата е поддржана и од Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. 

Акцијата во Општина Аеродром ќе се одржи утре - 6 мај на повеќе локации низ општината, со почеток од 08:00 часот.

-Кон акцијата ќе се приклучи и администрацијата на Општина Аеродром, а истовремено ги повикуваме сите аеродромци кои ќе бидат во можност да излезат, да го соберат отпадот од нивната најблиска околина и сите заедно да допринесеме за поздрава и позелена иднина за сите, стои во поканата од локалната самоуправа на Аеродром. 

Збирните места и локациите на кои што ќе се одвива чистењето се:

- Трговски центар, населба Лисиче

- ОУ ,,Ѓорѓија Пулевски“ и градинката во непосредна близина

- ОУ „Љубен Лапе“ и градинката во непосредна близина

- ОУ „Лазо Ангеловски“, најблиската градинка и Детската улица.

На овие локации ќе има обележани места за оставање различен вид отпад и тоа хартија, пластика, лименки и останат вид отпад.

 Целта е да собереме што е можно повеќе отпад, при што за секои 10 кг отпад, ќе биде засадено по едно дрво во новите пристапни шуми наречени „СОНЧЕВА ГОРА“, посочија организаторите. 

Утре ќе се чисти и во Ѓорче Петров и тоа на следниве локации: 

Полјана Хром

Јурија близу социјалните згради

 Даме Груев (згради 50 и 52).

Акцијата старува во 10 часот, а ќе се собира смет, пластика и стакло.

„Генералка викенд“ во Ѓорче продолжува во сабота околу "Крстот" во с. Кучково во 10 часот.

Во акцијата ќе се вклучат и сите основни училишта на територија на општината, а насоките ќе бидат дадени на лице-место од страна на координаторите.

-Ве поканувам што помасовно да ја поддржиме акцијата и да го собереме отпадот од нашата околина. Така директно ќе допринесеме за поздрава и позелена иднина за сите. Целта е да собереме што е можно повеќе отпад кој потоа ќе се носи до најблиската ПАКОМАК или локална станица за отпад. Со секои 10 кг. отпад, придонесуваме во засадувањето нови пристапни шуми "СОНЧЕВА ГОРА" - национални зелени споменици што ќе растат секоја година, порачаа од општина Ѓорче Петров. 

Акција за чистење утре ќе има и во Сарај, кај Матка. 

Акцијата ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД во главниот град ќе се одвива на планината Водно.
Збирно место: 9:00 часот Средно Водно (Долен Паркинг).