Утре е Велики Четврток: ден на Тајната вечера, прошката и традиционалното вапцување јајца

Православните верници утре го одбележуваат Велики Четврток – еден од најзначајните денови во Страсната седмица, исполнет со длабока духовност, силна симболика и бројни народни обичаи.

Овој ден е посветен на споменот на Тајната вечера – последниот оброк на Исус Христос со неговите апостоли, кога е востановено светото причестие. Во храмовите се служи Божествена литургија на Свети Василиј Велики, а според верувањата, токму на Велики Четврток верниците имаат можност за прошка и духовно очистување.

Велики Четврток се нарекува и „чист четврток“, а црковното предание го поврзува со повеќе клучни библиски настани – молитвата на Христос во Гетсеманската градина, како и предавството на Јуда. Овој ден го означува и почетокот на интензивните подготовки за Велигден.

Во народната традиција, Велики Четврток е познат како ден кога рано наутро, пред изгрејсонце, се вапцуваат првите велигденски јајца. Првото јајце задолжително е црвено и ја симболизира Христовата крв. Според обичајот, со него најстариот член на семејството прави крст на челото на децата за здравје и заштита, а потоа се остава пред икона во домот како симбол на благосостојба.

Покрај вапцувањето јајца, овој ден традиционално се поврзува и со подготовка на велигденскиот леб – обреден леб познат како богова пита, кравај или квасник, кој се украсува со непарен број јајца.

Според народните верувања, Велики Четврток има и мистична димензија – се смета дека на полноќ небото се отвора, а душите на починатите се враќаат меѓу своите блиски. Во минатото, овој ден се користел и за осветување на нови домови.

Велики Четврток е дел од низата настани што водат кон страдањата на Христос – по Тајната вечера, тој бил уапсен во Гетсеманската градина, а потоа осуден и распнат. Овие настани се централни за христијанската вера и претставуваат вовед во најголемиот празник – Велигден, денот на Христовото воскресение.