Денеска е тежок празник и строг пост за православните верници

Денеска православните христијани го чествуваат Крстовден (Воздвижение на Чесниот Крст).

На овој ден се празнуваат два настани поврзани со Чесниот Крст: прво, пронаоѓањето на Чесниот Крст на Голгота, и второ, враќањето на Чесниот Крст од Персија во Ерусалим.

Обиколувајќи ја Светата Земја Св. царица Елена намисли да го побара Чесниот Крст на Христос. Некој старец Евреин, по име Јуда, единствен знаеше за местото каде што се наоѓаше Крстот, па принуден од царицата изјави дека Крстот е закопан под храмот на Венера, којшто на Голгота го подигна царот Адријан. Царицата нареди и го разурнаа оној идолски храм, па копајќи во длабочина најдоа три крста. Додека царицата беше во недоумение како да го распознае Христовиот Крст, покрај местото поминуваше поворка со мртовец. Тогаш патријархот Макариј рече да ги полагаат крстовите редум врз мртовецот. А кога го ставија врз него третиот крст, покојникот оживе.

По тоа познаа дека е тоа вистинскиот Христов крст, чесен и животворен.

Во народните верувања, на денот кој се нарекува Крстовден, се смета дека сите молитви ќе се остварат. Според народните верувања од Крстовден почнува есента. Се вели дека денот и ноќта се крстосуваат, а температурата почнува да се намалува.

Од Крстовден почнува гроздоберот, а првото откинато грозје мора да се однесе во црквата, за да се освети. Почнува и сеидбата на зимските житни култури.

На Крстовден највозрасните жени во домот е потребно да испечат специјален обреден леб, украсен со голем крст на средината. Лебот се раздава, кога целото семејство е на масата и се вели Крстец крст да боли мене, крст да не боли. Се смета дека со овие зборови луѓето се штитат од болки во грбот за време на работа.

На Крстовден се почитува и строг пост – не треба да се јаде ништо црвено како пиперки, домати, црвени јаболка и друго.

На трпезата освен обреден леб задолжително треба да присуствува печена тиква и грозје. Во народните верувања се вели дека сите молитви ќе бидат слушнати на овој ден.

Се проценува дека во ноќта спроти Крстовден, Господ слегува на земјата и ја исполнува секоја посакана желба.