Утре бесплатен автобуски превоз, влез во зоолошка, кино и музеј

На првиот ден од месец октомври по дванаесетти пат во Скопје ќе се одржи „Бела ноќ“. Од организацијата најавуваат многу поконцентрирана програма од досегашна. Односно, во метрополата на неколку точки ќе има случувања од различен карактер за сечиј вкус.

Така, најавуваат голема изложба на американски поп-арт, распослана на три страни во градот: Музејот на град Скопје, Музејот на современа уметност и Младинскиот културен центар - МКЦ.Повеќе од 100 графички дела од шесте култни: Енди Ворхол, Рој Лихтенштајн, Роберт Раушенберг, Џон Чемберлејн, Том Веселман и Џејмс Розенквист. 

Делата на поп-артистите пред сè упатуваат на потрошувачката култура, маркетингот и јавните гласила. Поп-артот е инспириран од дадаизмот за да дозволи хуморот, иронијата и критиката да бидат дел од нивните дела како вид уметничка стратегија.

На плоштадот „Македонија“ во 21 часот француската спектакл-трупа „Compagnie des Quidams“ нè дочекува со нејзиниот последен звучно-светлосен перформанс. Потоа во 22 часот ќе се одржи уште еден театарски перформанс. Од Полска, со 30-метарска арка која претходно ќе плови по скопските улици трупата „Teatru osmaego dnia“ во 22 часот ќе настапи на плоштадот „Македонија“.

Перформансот именуван „Арка“ нè потсетува дека денес сè уште живееме во доба на бегалци, скитници, номади, кои патуваат низ континентите и си ги затоплуваат душите со спомените од домот, без разлика дали тој дом е духовен и/или етички, небесен и/или географски, реален и/или пак имагинарен.

Оние што ќе одат во МКЦ ќе имаат можност да проследат концерт на култната белградска група „Дисциплина кичме“, по повод издавањето на новата плоча именувана „Опет“; швајцарските рокенрол/блуз/гараж-херои од бендот „Roy & the Devil's Motorcycle“ и македонскиот инструментален пост-рок квартет „Khara“.

Фестивалот DeSonanz, посветен на модерната музика и мултимедијалната уметност во Скопје, го започнува новото издание на фестивалот во рамките на оваа „Бела ноќ“ во денсинг-салата на МКЦ, со настап на Kumo/Jono Podmore и Amplidyne Effect & Ogie.
Во џебното кино на МКЦ ќе има одличен перформанс на големите јапонски уметници Yoshio Machida и Maiko Date под наслов „Sound is Body, Body is Sound“.

Секако, филмскиот маратон под отворено небо во Градскиот парк, изложбите во Културно-информативниот центар, како и секогаш, ќе бидат дел и од оваа „Бела ноќ“.

Влезот во Зоолошката градина, од 12 до 18 часот, и оваа година ќе биде бесплатен, а возењето во градските автобуси на ЈСП кои сообраќаат кон централното градско подрачје исто така ќе биде бесплатно од 19 часот до раните утрински часови.