Усвоена програмата за развој на општина Центар - реконструкции и доградби на училишта и градинки, нови улици и осветлување

Планот на програмата за развој на општина Центар за периодот од 2019 до 2021 година, кварталниот извештај за извршувањето на буџетот, техничките исправки на две градежни парцели во ДУП-от за дел од локалитет Буњаковец 1, беа дел од точките што се најдоа на дневен ред на 20-тата седница на Советот на општина Центар.

Програмата за развој на општина Центар го опфаќа планот за целокупниот внатрешен и надворешен развој на општина Центар. Таа вклучува реконструкции и доградби на основни училишта и градинки на територија на општината и поставување smart lighting, односно модернизирање и осовременување на јавното осветлување со примена на современа техника за осветлување и надзор на целата мрежа. Ги вклучува и реконструкциите на улиците, но и изградба на нова улица – крак од улицата „Васил Ѓоргов" со име „Новопланирана 2".

Како што соопшти општина Центар, Програмата за развој ја опфаќа третата и финална фаза од изградбата на новото основно училиште во Капиштец, изградбата на нова градинка во населбата Пролет, како и изградба на нов монтажен паркинг на улицата „Орце Николов" со што ќе се намалат проблемите со паркинзите во населбата Дебар Маало.

Дневниот ред за работа на Советот пред почетокот на седницата беше дополнет со уште две точки, со одлуката за намера за задолжување на општината во рамки на вториот проект за подобрување на општинските услуги предвидени во компонента А-„Општински инвестиции" МСИП 2/2018 и годишната програма за работа во областа на располагањето со градежно земјиште во сопственост на Република Македонија, на подрачјето на општината.

Советниците ја усвоија и одлуката за годинашното доделување на општинската награда „Феникс", именуваа член на Управен одбор во градинката „13-ти Ноември" и ја усвоија одлуката за давање согласност за продажба на патнички возила.