Уставот со Брајова азбука

Специјално издание на Уставот на РМ изработен со Брајова азбука денеска беше промовиран во Скопје како заеднички проект на Јавното претпријатие „Службен весник“ на Република Македонија и Средното училиште за лица со оштетен вид „Димитар Влахов“.

Министерката за образование, Рената Дескоска на промоцијата ја поздрави идејата темелниот правен документ- Уставот на РМ да го направат достапен за сите.

– Една од идеите и реформите што ја најавивме во МОН беше дека сакаме да го јакнеме граѓанското образование, што значи познавање на своите права во рамки на училиштата и правење на достапност на познавањето на овие права до сите. Особено среќна ме прави овој чин, како професор по уставно право, затоа што со овој чин им се дава можност и на оние студенти кои се со оштететен вид полесно да ги совладуваат наставните птограми кои што постојат – рече Дескоска.

Директорот на ЈП Службен весник на РМ, Мартин Костовски изјави дека како претпријатие својата улога на посредник помеѓу државата и граѓаните на Република Македонија, во сферата на легислативата, настојува да ја исполни со висок степен на совесност, а секоја информација мора да биде автентична, точна и лесно достапна за сите.

– Тоа беше и повод да почнеме еден ваков проект, но искрено се надевам дека како општествено одговорна институција ќе имаме и мотив и доволно идеи да продолжиме со слични примери – истакна Костовски.

За директорот на Средното училиште, Горанчо Јакимов, ова е важен момент и одличен пример, што треба да го следат и другите институции, за еднаква пристапност кон сето она што не им е достапно на лицата со оштетен вид.

На промоцијата на ова издание на Уставот на РМ присуствуваа и претседателот на „Сојузот на слепи во РМ“, Жарко Селковски, како и претставници од институтот за дефектологија на УКИМ, од Одделението за слепи при НУ „Св. Климент Охридски“ и како донатори на специјалните табаци за Брајовата азбука од Универзитетот за Југоисточна Европа кои се и имплементатори на проектот на УСАИД за децата со пречки во видот.

Устав на РМ со Брајова азбука е издаден во 50 примероци и ќе го добијат повеќе институции меѓу кои Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ, средните училишта каде има правна насока, Законодавно-правната комисија и Парламентарниот институт при македонското Собрание.