Уставен ја укина Одлуката за ДУП во Центар

Уставниот суд на денешната седница ја укина Одлуката со која на 18 јули 2014-та година  Советот на Општина Центар го донесе Детален урбанистички план Градска четврт Ј 07  со локалитети Капиштец, Завод за медицинска рехабилитација, Старо Водно, Долно Водно, Мало Курило, Цвеќара.

-Судот оцени дека Одлуката за ДУП на Општина Центар е спротивна на Законот за локална самоуправа, поточно со членот 62 став 2 од овој Закон. Уставниот суд оцени дека не било обезбедено потребното мнозинство од 12 гласа „за“, како што предвидува Законот, изјави по денешната седница портпаролка на Уставниот суд, Христина Беловска.

Таа појасни дека согласно правното мислење на Судот, од вкупно 23 члена колку што броел Советот на Општина Центар присутни биле 12 члена, од кои „за“ донесување на Одлука за Деталниот урбанистички план гласале 11 члена, а еден бил против.

Уставот во членот 110, како што рече Беловска, предвидува дека прописите треба да бидат во согласност со законите, што не е случај во конкретната ситуација.

Според Судот со донесувањето на таа Одлука за Деталниот урбанистички план во Општина Центар е нарушена  една од темелните вредности на уставниот поредок, а тоа е владеењето на правото.

-Согласно денешната одлука на Уставниот суд, Општина Центар нема да  може да издава одобренија за градби за конкретните локации кои се опфатени со Деталниот урбанистички план, бидејќи тој ДУП не постои од денот кога ќе биде објавена одлуката на Судот во Службен весник, посочи Беловска.

Уставниот суд, како што додаде таа, ја донесе одлуката со мнозинство гласови, односно пет гласа „за“, а еден од судиите најавил издвоено мислење.

Подносител на иницијативата е Томе Симоновски, граѓанин од Скопје.