Установата „25 Мај” ќе се преадаптира во старски дом за 100 лица

Во Скопје се подготвува државен дом за стари лица во кој ќе има услови да се згрижат 100 граѓани од трето доба. Ова го најави министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска која присуствува на првиот Совет за стареење во Анкара, каде што се бараат начини за подобрување на квалитетот на активното живеење на постарите лица, бидејќи на светско ниво се зголемува тој процент.

Таа најави дека за оваа цел нема да се гради нова зграда, туку ќе се изврши адаптација на постоечки објект за оваа намена што претходно се користел за згрижување деца.

– Со поддршка на Светска банка изготвена е студија за функционирање на пензионерските домови што даде јасна слика за сегашната состојба на домовите. Оваа студија содржи јасни препораки за подобрување на пензионерските домови. Освен што треба да се подобрат условите за домување, истовремено треба да се воведе систем на управување со домовите, но и надзор и намалување на финансиските трошоци, појаснуваат од Министерството за труд и социјална политика.

Преадаптација ќе претрпи досегашната Јавна установа за згрижување деца со воспитно-социјални проблеми „25 Мај“ во која донеодамна беа згрижени деца и младинци со воспитно-социјални проблеми и нарушено поведение на возраст од седум до 18 години. Установата е формирана во 1958 година како Прифатилиште за деца и младинци и во неа имаше околу 50 деца кои со одлука на МТСП, се прераспределени во помали домови.

Исто така, со експерти од БиХ започнува пилот-програма за подобрување на дневните центри, што се клучни за социјализација и активација на постарото население. Во рамки на оваа програма, се истакнува потребата од подобрување на инфраструктурата во овие објекти.

Со новиот предлог Закон за социјална заштита ќе се воведе и нова услуга “помош во домот“ што ќе треба да обезбеди поддршка на старите лица во домашни услови и поддршка за живот во местото на живеење.

– Повозрасните не треба да бидат пасивни, туку активни членови на секое општество и да учествуваат во сите политички и општествени процеси. Наша задача е да создадеме услови за ова. Повозрасните опфаќаат 12 отсто од нашето население, а според проценките на ОН овој процент ќе достигне 18,8 отсто до 2030 година. Воведовме и социјална пензија, за оние над 65 години кои го граделе нашето општество, но не стекнале право за пензија и немаат друг извор на приход од кој можат да се издржуваат – истакнала Царовска во Анкара.