
Директорот на Клиниката за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и Ургентен центар (ТОАРИЛУЦ), доктор Игор Мерџаноски утрово сподели дека на Клиниката за Трауматологија успешно се изведуваат оперативни интервенции кај пациенти со сколиоза, согласно најсовремените светски стандарди и протоколи.
Во објавата на Фејсбук, тој посочи дека нивниот тим посветено работи на обезбедување на најдобар можен третман и подобар квалитет на живот за пациентите.
„Раното дијагностицирање е клучно! Редовните прегледи и навременото откривање на деформитетите на ’рбетот овозможуваат поуспешна интервенција, побрзо закрепнување и значително подобри резултати во лекувањето“, нагласи Мерџаноски.
Докторот воедно упати апел до родителите да не чекаат симптомите да се влошат.
„Доколку забележите неправилно држење на телото, асиметрија на рамената или искривување на ’рбетот кај вашето дете, обратете се кај нас за дополнителни прегледи и стручен совет. Нашите специјалисти ќе ви дадат насока за понатамошниот третман и следење. Интервенциите кај овие пациенти се успешни, а Клиниката продолжува да вложува во современи методи, стручност и грижа за секој пациент“, порача Мерџаноски.