Усје за прв пат добива градинка

По повод роденденот на Кисела Вода, градоначалникот Ѓорѓиевски денес го промовираше проектот со кој Усје за прв пат ќе добие градинка.

Градинката е речиси готова, односно во наредниот период пред нејзиното отварање, ќе се привршуваат активностите во дворот на градинката и останатите детали кои се пресудни за соодветен и среќен детски развој. Градинката во Усје има капацитет да прими околу стотина дечиња пред се од населбата Усје, но исто така и од Стаклара и Градинар.

Од тоа што го откри градоначалникот, дознаваме дека градинката е опремена со занимални, јасли, соба за изолација, простории за персоналот, два тоалета од кои еден е  за деца со посебни потреби, а во подрумските простории ќе функционира перална. „Проектот што денес го реализираме има големо значење, пред се’ за дечињата од населбите Усје, Стаклара и Градинар, кои тука ќе имаат приоритет за запишување,  но ќе биде од огромно значење и за останатите, бидејќи листите на чекање, како и секаде во Скопје, се огромни, а постоечките градинки се преполни“, стои во соопштенито.

Градоначалникот Ѓорѓиевски меѓу другото со големо задоволство најави дека ќе има нова градинка и во Расадник, а исто така соопшти дека се работи и на проширување на капацитетите на неколку други градинки.