Уште едно лице почина од западнонилска треска - ова е петти смртен случај во Македонија

Уште едно лице почина од западнонилска треска во земјава, со што бројот на смртни случаи од оваа инфекција се искачи на пет, информираше директорот на Клиниката за инфективни болести, Фадил Цана.

Станува збор за 73-годишен пациент од Скопје, од населбата Ново Лисиче, кој на Клиниката бил хоспитализиран 22 дена. 

Пациентот бил примен во исклучително тешка состојба, со сериозна клиничка слика и повеќе придружни заболувања. Тој бил лекуван на Одделот за интензивно лекување и бил ставен на респираторна поддршка, но и покрај преземеното лекување, исходот бил неповолен.

Во моментов на Клиниката за инфективни болести се хоспитализирани 21 пациент, од кои кај 18 е потврдена инфекција со вирусот на западнонилската треска со невроинвазивна форма, додека тројца се водат како суспектни случаи.

Од Клиниката информираат дека речиси секојдневно се примаат нови пациенти, па бројот на хоспитализирани се движи околу 20 до 21 лице, а четворица пациенти и натаму се во тешка состојба.