Уште една книга од едицијата „Читаме заедно“ - „Картата на жалењето“ како книжевно-животна лекција

Во книжарниците на ТРИ книга по книга се комплетира едицијата „Читаме заедно“, проект поддржан од програмата „Креативна Европа“ чија едногласна идеја за квалитетна литература се шири низ читателите. Со „Картата на жалењето“ од Натали Сковронек, во превод на Офелија Ковилоска, меѓу кориците дизајнирани од Ана Ќортошева, нашата литературна сцена се збогатува со уште еден роман од разноликиот европски книжевен корпус.

Приказната ги следи случувањата по смртта на Вероника Вербриген во животот на нејзините најблиски. По неа тагуваат двајца мажи, сопругот и нејзиниот љубовник, но и ќерка ѝ Мина која се соочува со прашањето кое било вистинското лице на мајка ѝ. Страница по страница, се откриваат тајните и се пополнува мозаикот на еден живот, но болката не стивнува. Само треба да се научи како да се живее со неа.

Како и другите книги од овој проект, и оваа нè учи дека каде и да си и со кого и да го делиш животот, тој е насекаде ист, со истите загатки и тежини, со истите болки и радости. Книга што ја покажува комплексноста на секое битие низ различни перспективи, која треба да се најде на сечија полица.

„Картата на жалењето“ е уште еден чекор до целта на проектот, но и најава за книгата која допрва ќе пристигне – предвесник на „Тажниот гостин“ од Матијас Наврат, уште едно дело закитено со Наградата за литература на Европската Унија.