Уште една држава забранува продажба на IQOS уредите, до каде е Македонија на овој план?

Иако во моментов се достапни на пазарот во 71 земја, вклучувајќи ја и Македонија, белгиската влада се уште не е убедена дека iqos уредите се поздрава варијанта од традиционалните цигари кои се продаваат на пазарот. Дополнително, надлежната здравствена институција инсистира тие да постават лепенки на кои ќе бидат наведени ризиците, исто како на стандардните опаковки за цигари.

Но, од компанијата Philip Morris велат дека тие не се согласни на IQOS да стои истото предупредување како на стандардните цигари, бидејќи IQOS уредите значително се разликуваат од нив.

Белгиската владата е категорична и таа инсистира на законодавство што ќе го класифицира IQOS на ист начин како и обичните тутунски производи. За оваа одлука компанијата Philip Morris поднела жалба пред белгискиот државен совет за здравство кој се уште нема донесено одлука дали ќе дозволи тие да се најдат на рафтовите во маркетите и продавниците. Во меѓувреме, многу белгиски потрошувачи веќе го користат производот, купувајќи големи количини од уредите на други пазари во Франција, Германија, Холандија или во областите на безцаринските зони на аеродромите.

Но, каде е Македонија во оваа приказна? Во нашата земја подолг временски период овие производи се легални на пазарот и достапни до широката популација. Младите на нив гледаат како на играчка или пак гаџет кој совршено се вклопува во нивниот живот стил, занемарувајќи го фактот за штетните последици од нив.

Едно од последните истражувања спроведено на 2600 луѓе покажало дека нивото на токсини во телото кај луѓето кои преминале на електронски цигари е повисоко, отколку кај оние кои престанале да пушат. 

Скопје Инфо испрати неколку прашања до Министерството за здравство, за тоа какви и колку анализи се направени во нашата држава пред IQOS уредите да бидат пуштени на пазарот, но и какви последици ќе имаат тие врз здравјето на младите пушачи кои лесно стигнуваат до нив. Дополнително, прашавме дали државата има стратегија за намалување на пушењето помеѓу македонската популација.