Уште еден успешен хируршки зафат на докторите од Клиниката за гинекологија

Денес, тимот на Клиниката за гинекологија и акушерство изврши успешен хируршки зафат на голем тумор на матка кај пациентка со сериозно вродено срцево заболување.

Од Клиниката за гинекологија и акушерство информираат дека поради здравствените околности интервенцијата кај 40 годишната пациентка било неопходно да се изврши на Клиниката за Државна Кардиохирургија. 

Стручниот тим на Клиниката за гинекологија и акушерство предводен од проф.др.Марјан Стојовски и останатиот дел од тимот на специјалист Асс. Др. Даниел Милковски, Др. Милица Арсевска – лекар на специјализација, Доц.Др. Дафина Караџова - анестезиолог и инструментарка Дениза Хаџиќ уште еднаш ја докажаа пожртвуваноста и во вонредни услови на пандемија, во услови кога пациентот е загрозен со живот, исправени пред предизвик, координирано интердисциплинарно со своите колеги од другите клиники го направија максимумот да спасат уште еден млад човечки живот. Тимот од Клиниката за гинекологија и акушерство оваа сложена интервенција ја изведе во соработка со своите колеги од Клиниката за Државна кардиохирургија: интернист Др. Марија Геракаровска Радовиќ и анестезиолозите од државната кардиохирургија Др. Надица Мехмедовиќ и Др.Весна Миташова.

Имајќи предвид дека станува збор за сериозно срцево заболување кај пациентката постоеше голем ризик од воведување во анестезија и извршување на самата хируршка интервенција поради што на пациентката и беше потребен инвазивен хемодинамски мониторинг и интраоперативно трансезофагеална ехокардиографија како и континуирано следење на волуменскиот биланс.По завршувањето на интервенцијата пациентката е во стабилна општа состојба, информираат од ГАК.