
Прим. д-р м-р Александар П. Илиевски, хирург-уролог при ЈЗУ УК Урологија – Скопје и поранешен асистент по хирургија при Медицинскиот факултет во Скопје, тврди дека бил дискриминиран при конкурс за избор на асистент.
Илиевски се обрати до нашата редакција откако претходно пишувавме за друг случај поврзан со постапка за вработување на Медицинскиот факултет.
Според неговите наводи, тој конкурирал за асистент, но не бил избран и покрај тоа што, како што вели, има повисоки академски и професионални квалификации од дел од останатите кандидати.
„И јас сум повозрасен, имам 49 години, конкурирав на конкурс за асистент, но ме одбија и поради возраста и поради тоа што ги тужам заради отказот што го добив минатата година од работното место асистент, на кое работев долги години“, наведува Илиевски.
Како поткрепа на своите тврдења, тој се повикува на Универзитетскиот билтен бр. 1361 од 1 октомври 2026 година, во кој е образложена постапката за избор на кандидатите.
Илиевски тврди дека во постапката им била дадена предност на други кандидати, иако, според него, има повисок просек од студиите, завршени постдипломски магистерски студии и поголемо професионално искуство.
„Во поглед на просечниот успех од студиите сум на самиот врв, а имам завршено и постдипломски магистерски студии. Најискусен сум и по повеќе други основи од останатите пријавени кандидати“, тврди тој.
Според Илиевски, критериумот за просечен успех бил применет селективно, а смета и дека при изборот не биле почитувани принципите што важат за вработување во јавниот сектор.
Тој посочува и дека претходно долги години работел како асистент по хирургија на Медицинскиот факултет, но минатата година добил отказ, по што повел судска постапка.
Илиевски смета дека и тој спор, како и неговата возраст, влијаеле врз одлуката да не биде повторно избран на позицијата за која конкурирал.