Уште 50 нови домаќинства се приклучија кон селекцијата на пластичен отпад во Лисиче

Градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески денеска сподели дека уште 50 нови домаќинства се приклучиле кон селекцијата на пластичен отпад во Лисиче.

„Големиот интерес на жителите покажа дека грижата за животната средина станува секојдневна навика во нашата општина. Затоа, потпишавме нови 50 договори со домаќинства од населба Лисиче кои активно ќе се вклучат во системската селекција на пластичен отпад, а на семејствата им беа поделени специјални канти за таа намена“, истакна Митески во објава на Фејсбук.

Посочи дека проектот веќе дава одлични резултати, а собирањето на отпадот се одвива редовно и организирано. Целта е, како што вели, да бидат опфатени вкупно 600 домаќинства, кои преку своето активно учество ќе придонесат за почиста и поздрава животна средина.

 Проектот го спроведува ЈП за комунални дејности на Општина Аеродром, а собраниот отпад се предава на овластени компании за понатамошна обработка и рециклирање. За негов транспорт е обезбедено и специјално електрично товарно возило.

„Општина Аеродром е една од првите општини во државата која спроведува ваков системски проект за селекција на пластичен отпад директно од домаќинствата, поставувајќи пример за современ и одговорен пристап кон управувањето со отпадот. Благодарност до сите жители кои се приклучуваат и покажуваат дека вистинските промени започнуваат од сопствениот дом. Заедно градиме еколошки навики, подигнуваме свест и создаваме почиста иднина за генерациите што доаѓаат. Секое селектирано шише, секоја поделена канта, секое одговорно домаќинство и секој мал чекор денес значат поголема грижа за природата утре“, нагласи градоначалникот.