Урнати двете бараки кај Дрво Декор

Со багер и рачно, вчера се уриваа три бараки кај поранешно Дрво Декор. Две од бараките во кои досега под кирија беа Такси “ИН” и кафеаната “Македонска куќа” се сопственост на АД за стопанисување со станбен и деловен простор (АДСДП). Оттаму велат дека се во нивна сопственост уште од 2003-та година со превземањето од “Дрво Декор”, додека не е нивна третата урната барака во која беа сместени “Јаца инженеринг”.

Кираџиите за весникот ВЕЧЕР изјавија дека решението за исселување им било дадено минатата среда со рок од осум дена да ги исчистат просториите, што тие тоа го сториле вчера, по што започна уривањето. Тие велат дека просторот со бараките и паркингот, АДСДП го продале на “Фешн груп” кој тука, од пролет, ќе почне да ги гради висококатниците. Од уривање, сега-засега се спасија киосците од левата страна на улицата со калдрма спроти Дрво Декор. И тие ќе бидат урнати напролет.

Градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ во телефонски разговор ни изјави дека уривањето не е во нивна надлежност, туку дека решението за отстранување на овие времени објекти го донело Министерството за транспорт и врски.

– Општина Центар нема надлежност за овие објекти. Одлуката за уривање на диво изградени објекти во Скопје е на Министерството за транспорт и врски – вели Богдановиќ.

Тој изјави дека деталниот урбанистички план за тој простор е под мораториум и се уште се разгледува од страна на Комисијата за проверка на плановите.

– Никој досега во општина Центар нема побарано за добивање на одобрение за градење на овој простор – рече Богдановиќ.

Од АД за стопанисување со станбен и деловен простор пак, во писмениот одговор наведуваат дека решението за уривање го имаат донесено токму во општина Центар.

– Решението за нивно уривање е донесено од страна на Општина Центар (Решение на Општина Центар бр. Ип1 бр. -33/ 147 од 06.09. 2018 година), за кое АДСДП поднесе жалба со цел да ги заштити своите правни интереси. До овој момент немаме добиено одговор по нашата жалба. За добивање на имотен лист за споменатите објекти имаме поведено постапка пред Државниот Правобранител. Општина Центар ја спроведува постапката за уривање и е надлежна за уривање на објекти – стои во одговорот од АДСДП.

Оттаму истакнуваат дека АДСДП ниту продало, ниту пак дало земјиште на “Фешн груп”, а ниту пак, се во каков било деловен однос со оваа групација на компании во приватна сопственост.

– Сопствениците на дел од паркингот спроти хотелот “Холидеј Ин”, инаку досегашни закуподавачи на тој дел од просторот ги продадоа своите парцели на “Фешн груп”. АДСДП е корисник на паркингот согласно одобрението за градба кое важи до моментот на реализација на урбанистичката парцела – велат од ова државно АД.