
Скопје повторно живееше во ритамот на трчањето. На 22. издание на Виз Ер Скопскиот маратон, рекордни 15.050 тркачи од 63 земји ги исполнија улиците на градот, а долж патеката ги следеше публика од сите генерации, која со аплаузи и бодрење беше со нив од првите метри до целта.
Сонцето, насмевките и доброто расположение го претворија денот во вистинска прослава на трчањето, со Скопје во центарот на една голема спортска приказна.
На маратонот, Кенија ги освои првото и второто место во машка конкуренција, со Дерик Чеге Нјороге на врвот со време од 2:12:56 и Едвин Кимару Косгеј на второто место со 2:13:20. Трет беше македонскиот маратонец Дарио Ивановски, кој истрча 2:13:48.
Кај жените, Кенијките ги освоија сите три места на подиумот, а Долфин Кемунто Нјагака со време од 2:32:05 постави нов рекорд во женска конкуренција. Втора беше Мерси Џебичии Кипкемои со 2:39:39, а третото место ѝ припадна на Естер Чесанг Какури со 2:40:18.
Кенија го презеде врвот и на полумаратонот, каде што нејзините натпреварувачки ги освоија сите три места во женска конкуренција. Победата ја однесе Валентин Џебет со 1:13:15, пред Чарен Чепкепмои со 1:15:08 и Нанси Гитаига со 1:17:24.
Во машка конкуренција, исто така, на подиумот се најдоа исклучиво кенијски тркачи: најбрз беше Кенеди Кипкемои Роно со 1:05:26, втор Хилари Киптум Мајјао Кимајо со 1:06:11, а трет Џон Њугуна Курија со 1:06:59.
На најкратката трка, на 5 километри, домашните натпреварувачи го освоија врвот во двете конкуренции. Кај мажите, најбрз беше Андреј Арсов со 16:28, пред Гилман Јунуза со 16:35, додека третото место му припадна на Швеѓанецот Фредрих Урбон со 16:43.
Во женска конкуренција триумфираше Хајдари Ирма со 19:43, втора беше Емили Ивановска со 20:53, а третото место го освои Црногорката Лана Ивковиќ со 21:00.
Но, маратонот не го одбележаа само резултатите. Скопските улици беа полни со учесници на маратонот, полумаратонот, трката на 5 километри и ЕУ фор Спорт штафетната трка.
Се трчаше во друштво, со семејството и пријателите, но и покрај илјадници луѓе со кои учесниците можеби за првпат се сретнаа токму денес. Меѓу нив имаше искусни маратонци, рекреативци, учесници од сите генерации, но и бројни странски гости и туристи кои викендот во Скопје го искористија и за да бидат дел од маратонот и да го почувствуваат градот во неговото најраздвижено издание.
Долж патеката тркачите имаа поддршка на секој чекор – од освежителни станици со вода, електролити и овошје, до места за дополнување енергија и медицинска помош. Музичките точки и настапите низ градот дополнително го подигнаа расположението, па патеката беше исполнета со музика, аплаузи и бодрење. За непречено одвивање на маратонот се погрижија и бројните волонтери, кои беа со тркачите од стартот до целта и се грижеа за нивното освежување и поддршка во текот на трката.
Од најмладите до највозрасните, од домашните тркачи до гостите од десетици земји, сите беа дел од истата атмосфера и истото движење низ градот.
За многумина, вчерашниот ден не беше само прашање на време и пласман, туку можност да ја истрчаат својата трка, да го почувствуваат Скопје на поинаков начин и да стигнат до целта со поддршката од луѓето покрај патеката.
Со рекорден број учесници и тркачи од 63 земји, 22. Виз Ер Скопскиот маратон уште еднаш покажа дека е ден кога спортот, дружењето и добрата енергија го освојуваат градот.