Урбаниот хаос во Дебар маало, каде утрово се запали стан, ја отежнува работата на пожарникарите

Утрово во скопско Дебар Маало се запали стан во една од зградите. Како што велат станарите, најверојатно причина за пожарот е оптоварување на електричната мрежа, а поради брзата интервенцијата на пожарникарите и покрај непристапниот терен, оганот е изгаснат, не се проширил и нема повредени.

Станарите велат дека пожарникарите едвај стасале до нивната зграда и трчале низ цело Дебар Маало за да бараат рута како со противпожарните возилата да стасаат до зградата.

Владимир Симоновски, командант на Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје, во изјава за порталот СДК вели дека и утрово како и многу пати досега се соочиле со неможност за пристап до зградата поради урбаниот хаос кој владее во Дебар Маало. Дополнителен проблем им било што дел од улицата Орце Николов е затворена за сообраќај поради реконструкција.

„Дебар Маало ни е обележано како критична точка за интервенции. Нема никакви услови за пристап на возилата од тесните улици, паркираните коли на сите страни и неплански изградените згради. Со помош на магии и трикови интервенираме. Денеска дополнителен проблем ни беше што Орце Николов е затворена за сообраќај, со камиони и механизација блокирана, па моравме да вртиме низ другите тесни и блокирани со коли улици. Нашите возила се големи и не можат да поминат низ ваква инфраструктура, каде секоја куќа стана зграда, а колите се на улица“, вели Симоновски.