Урбани легенди за Скопје: Духовите од наше маало

Духови, вампири, самовили... Урбани легенди, во кои без оглед дали верувате или не, ќе ве заинтригираат да ги слушнете, ќе ве подисплашат, ќе направат да ви лазат морници.

Речиси секое населено место во земјава има свои приказни, кои најчесто се врзуваат со напуштени куќи во несекојдневен изглед. Места каде што се собираат зависници од дрога или алкохол, бескуќници, средношколци, деца од маало, кои и најмногу ги „дофарбуваат приказните“. Генерациите само ги прераскажуваат.

„Зелениот дворец“ во Пржино

Најпозната легенда во Скопје е врзана за „зелениот дворец“ во населбата Пржино. Изградена во баротско-готски стил, оваа куќа која сеге е веќе срушена беше впечатлива за сите што минуваат по улицата „Востаничка“. Уште на прв поглед постетуваше на сите хорор-филмови што сте ги гледале во детството. Во големиот број празни шишиња можеа да забележат и лименки од „скопско“, какви што пиварницата не произведува со години. Вратите од куќата беа скогаш подотворени. Прозорци практично и немаше. Сите беа искршени, само некаде има решетки. На подовите лежат дотраените штици. Електричната изолација беше гола, но струја и онака немаше. Ѕидовите беа ишарани со графити, пароли и чкртаници. Скалите не оддаваат впечаток на сигурност.

„Не знаеме од каде почна да кружи приказната дека тука имало духови“, зборуваат соседите. Како што велат, тие не веруваат во приказните, но, сепак, признаваат дека не им е пријатно да влезат во куќата.

За „зелениот дворец“ има милион приказни. Една од легендите е дека таму живеел гроф, поради што е изградена во таков стил. Други, пак, велат дека куќата е стара не повеќе од стотина години, дека ја изградил некој гостиварец, кому сопругата му починала многу млада. Тој живеел 80-ина години, а ја издавал на студенти од секаде низ светот, најмногу на Арапи. По неговата смрт, се менувале неколку сопственици.

„Колку што паметам, пред петнаесетина години се отселија последните луѓе - брачна двојка. Потоа мислам дека државата ја зема под свое, ама сега е препуштена сама на себе“, ни вели еден од најблиските соседи.

Наводно, пред неколку години, бизнисмен се обидел да ја купи, ветувајќи дека ќе ја реставрира, но кога соседите разбрале дека поранешниот функционер планирал да ја сруши и да си изгради свој дом, намерно ги искршиле прозорците, по што тој се откажал од идејата.

За куќата се вели дека е проклетство да влезеш во неа, бидејќи по седум дена, смртта ќе дојде по тебе. Друга легенда е дека во дворот влегол коњ и оттогаш исчезнал. Наводно, пропаднал в земја.

„Еднаш во куќата се собраа еден куп млади луѓе. Пиеја алкохол, се дрогираа, беа многу гласни, па доцна во ноќта еден од соседите им дојде да им каже да си заминат или ќе викне полиција. Кога го видоа, се преплашија, почнаа да бегаат и да викаат ‘дух, дух‘“, низ смеа раскажуваат станарите на „Востаничка“. Според нив, приказните за духови во куќата се глупости, бидејќи, како што велат, во неа редовно се одржуваат часови по ликовна уметност и се снимаат музички спотови.

Невестата од Волково, кулите од Лисиче

Во големиот број приказни што кружат низ Скопје, се идзвојуваат уште неколку. Во населбата Лисиче имало три кули од каде што во минатото голем број граѓани се самоубиле, скокајќи од покривот. Поради тоа, пред неколку години, во средина на трите кули било изградено мало црквиче, по што самоубиствата престанале.

Невестата од Волково ги наежува сите што ќе ја слушнат легендата. Имено, во близина на железничката пруга во селото се правела свадба. Невестата го водела орото накај пругата и тука ја прегазил воз. Митот вели дека младата жена секоја вечер се појавувала на пругите и го хипнотизирала секој што случајно ќе наминел. Потоа го влечела до средината на пругите за да го прегази воз.

Напуштена куќа во Радишани е предмет на мистика откако произлегоа гласишта дека оттаму се слушал детски плач, страшни звуци, а секој што ќе влезел во дворот - се соочувал со црна топка од дим.

Во Кисела Вода биле забележани самовили. Во близина на црквичето, во дворовите од куќите секоја вечер на гости доаѓале трите самовили, кои им ги чешлале косите на домаќинките. За самовилите се зборува дека се појавувале само каде што имало дрво и вода, но тие наводно, биле лоши и секогаш доаѓале поради одмазда.