Управителите ќе ги поскапат услугите - станарите не задоволни добиваат нула услуга

Фирмите кои ги одржуваат колeктивните згради ги поскапуваат своите услуги. Не постои утврдена минимална цена поради што се создава нелојална конкуренција кај лиценцираните фирми, а сериозен удар за работењето на овие е и зголемувањето на минималната платана.

„Одлучивме да го поскапиме одржувањето за 20 отсто. Новата цена е околу 200 денари. Сметаме дека на овој начин ќе ги покриеме загубите со зголемените трошоци за вработените, а станарите ќе добијат поголеми сметки само за 35 денари со пресметан ДДВ“, за 24 вести, велат дел од станбените управители кои веќе направиле корекции, но сметата дека оваа цена не е превисока, оти има лиценцирани фирми кои за истата услуга наплаќаат и по 500 денари.

Поголемиот дел од станарите не се задоволни од работењето на лиценцираните фирми. Едни велат дека за многу пари, добиваат нула услуга. Други вината за лошо одржуваните влезови ја лоцираат кај самите станари, а има и такви за кои посигурна опција е за објектот да се грижат самите, односно Заедница на станари.

Според извештајот на Регулаторната комисија за домување лани, единаесет управители ги загубиле лиценците за работа додека во второто полугодие од 2017 година биле издадени две нови лиценци, а пет фирми се повлекле од бизнисот.

Според истиот извештај и понатаму законот не се почитува од околу 40 проценти од станбените објекти во Македонија, бидејќи само 60 отсто од зградите се менаџирани од станбени управители или од самите сопственици.

Законот за домување кој е на сила повеќе од осум години не ги даде посакуваните ефекти, иако со него требаше да се подобрат условите за живеење во колективните згради. На станарите им се зголемија давачките, но не добија почисти и одржувани заеднички простории во зградите. Според нив, задачата на фирмите пак кои се грижат за станбените објекти  се сведе само на наплаќање на месечните надоместоци.